
Фудбалерите на ФК Тетекс од Тетово официјално ги започнаа подготовките за вториот дел од сезоната, со јасна цел – подобра форма и поконкурентни настапи во продолжението од првенството. Тимот веќе е на тренинг-процес, а во фокусот на клубот ќе биде и засилувањето на играчкиот кадар.
Од утре, во рамки на наредните 30 дена од преодниот рок, раководството на клубот ќе работи на ангажман на нови фудбалери, со цел да се освежи составот и да се зголеми конкуренцијата во екипата.
Под водство на шефот на стручниот штаб, Марјан Билбиловски, Тетекс во подготовките ќе одигра и шест контролни натпревари, кои ќе послужат за проверка на формата, тактичките замисли и воигрувањето на тимот.
Од клубот очекуваат дека добро одработениот подготвителен период ќе биде клучен фактор за остварување на зацртаните цели во вториот дел од сезоната во Втората македонска фудбалска лига.