Несмален интересот за фотоволтаици во Зрновци, за таа намена ќе има уште 11 хектара

Единаесет хектари на три локации на територија на општина Зрновци ќе се наменат за фотоволтаици. Првиот човек на Општината, градоначалникот Борчо Коцев, вели дека интересот е со несмален интензитет поради што ваквата одлука е донесена на последната седница на општинскиот Совет. Дел од овие 11 хектари ќе се наменат за лесна и незагадувачка енергија, а на друг дел ќе има фотоволтаици.

„На последната седница на Советот на Општина Зрновци поднесов инцијатива, која и беше усвоена од нивна страна. Ќе започнеме постапка за изготвување на урбанистички план вон опфат на населено место на три локации со вкупна површина од 11 хектари, којашто ќе биде по завршување на сите тие постапки исто така наменета за лесна индустрија и за поставување фотоволтаични централи“, истакна Коцев.

Во Зрновци веќе има изградено една фотоволтаична централа, а има одлука и за површина од околу седум хектари во населеното место Мородвис која исто така е со овие две намени.

„Во општина Зрновци веќе има изградено една фотоволтаична централа на приватна површина од околу 1,5 хектари со моќност од 1 мегават. Ние како Општина преземаме чекори во уредување на градежно земјиште, односно на почетокот на годината спроведовме јавен повик за избор на планерска фирма којашто ќе врши разработка на блокови. Се работи за површина од околу 7 хектара во село Мородвис на којашто ќе има предвидено и за фотоволтаици и за лесна и незагадувачка индустрија“, вели Коцев.

Жителите на Зрновци уште од пролетта покажаа голем интерес за поставување фотоволтаици и на кровните површини, имајќи ја предвид поедноставената постапка. Локалната самоуправа, пак, постави фотонапонски панели на општинската зграда, спортската сала и детската градинка.

Ребека Спасова М-Нет