Текстилец гостува кај Вардар во Неготино, „вардарци“ сакаат „одмазда“ за поразот во Штип!

Викендот се враќаат натпреварите од Првата ракометна лига по одигрување на Куп натпреварите. На програмата ќе бидат мечевите од 18. коло.

Ракометарите на Текстилец УГД ќе гостуваат кај Вардар Неготино, во меч каде неготинските „вардарци“ ќе сакаат да се реваншираат за поразот во Штип, кој пораз го промени и тренерот на тимот од Неготино, по што Пепи Манасков замина од тренерската клупа.

Фаворитската улога ќе ја има домаќинот, а штипјани ќе сакаат да го повторат резултатот од првото соочување и со тоа да стигнат до деветтиот сезонски триумф, со што Текстилец УГД ќе има можност за да прогресираат на табелата.

Вардар Неготино е четврти со 22 бодови, иако се најавуваа амбиции за враќање во Супер лигата со засилувања и тренер во името на Манасков, сепак амбициите на тимот од Неготино завршија порано. Тимот од Штип е на осмото место со 16 бодови.

Мулти Есенс како апсолутен фаворит ќе игра против Кичево на домашен терен, каде во прашање ќе биде со колкава разлика ќе победи тимот од Автокоманда, а додека пак непоразениот лидер Младост ќе гостува во Свети Николе каде како голем фаворит ќе игра против Овче Поле.

Во рамки на 18. коло неизвесно соочување на две екипи од средината на табелата ќе има меѓу Македонија ЃП и Јехона, а пак Драчево Јуниор како голем фаворит ќе се соочи со Партизан. Во Ресен ќе се игра мечот меѓу Преспа и Аеродром.

Битката за влез во Супер лигата ја водат непоразениот лидер Младост и второпласираниот Мулти Есенс, извесно е дека меѓусебното соочување на овие две екипи во Автокоманда ќе решава кој директно да влезе во елитата, а кој да игра бараж за влез во Супер лигата.

Александар Ванев, М-Нет