
Сè уште алармантна состојбата во Пехчево. И по три дена пожарот не е ставен под контрола. Блокиран е патниот правец Делчево – Пехчево, пожарот се шири кон селата Црник, Панчарево и Негрево, помошта неопходна. На местото на пожарот се и екипи од ТППЕ Штип, вклучени се и приватни компании, месното население сите на свој начин придонесуваат за побрзо ставање на пожарот под контрола.
„Ние сме на терен овде од вчера околи 18:00 часот. Овде во Пехчево сме едно возило и четири пожарникари. и едно со тројца пожарникари во Делчево. Со нас има и од ЈП „Исар“ со цистерна со двајца и од „Серта“, Македонски шуми Штип, кои се со нас. Ние три единици заедно се координираме и гасиме на терен“, рече Тони Ѓоргиев, командир на смена.
Теренот непристапен, ветерот од помош на огнот, а пожарот дополнително се шири. Горат белите дробови на Истокот, глетката страшна. Помош пристигна и од Словенија, но веќе се изгорени седум објекти во Нов Истевник, а луѓето ќе бидат евакуирани.
„За акцијата што ја спроведува цела Малешевија треба луѓе, лекови, храна, сè што може за им се помогне. Цела Малешевија да се мобилизира! Малешевските дробови отидоа, секој треба да жали… Ете, на кое место сум и што доживеав… Немам зборови… “, рече Благој Механџиски.
„Ситуацијата е алармантна. Едвај жива глава спасивме со колегата. Ако не беше цистерната, не знам што ќе се случеше. Се качивме на браникот и се спасивме“, рече Александар Неделков од СЕРТА Штип.
„Само евакуација на населението и копање ровови околу селата за да се спаси колку што може. Пожарот веќе е испуштен од контрола“, рече Горан Јордев.
Се гаси само од земја. Градоначалникот на Пехчево, Тренчевски вели ниту временските услови не се им во полза. На местото на пожарите беше и градоначалникот на Општина Кочани, Илијев кој вели поддршката во вакви моменти е најпотребна особено од оние кои поминале низ вакво зло.
„Овде во Пехчево ја гледаме ситуацијата и тоа ме загрижува. Овде сум дојден да поразговарам и со моите колеги градоначалници за да видиме на кој начин и дали ние како локална самоуправа од Кочани можеме да дадеме поддршка во справувањето со оваа опасна стихија“, истакна Николчо Илијев, Градоначалник на Општина Кочани.
„Имавме на терен три хелихоптера, коишто навистина се справуваа со оваа огнена стихија. Меѓутоа, како што спомнав и во текот на вчерашниот ден, постојано најголемиот непријател ни е ветерот којшто, навистина, ни прави огромни проблеми и го менува правецот во секој поглед, па создава нови жаришта, коишто, навистина, ни претставуваат проблем да се справиме со оваа стихија којашто го зафати овој крај“, соопшти Градоначалникот на Општина Пехчево, Драган Тренчовски.
Екипите остануваат на терен се до ставањето на пожарот под контрола, а секој кој може да помогне во гаснењето на огнената стихија е повеќе од потребен.
Лаура Стојанова МНет