
Назначувањето на новата директорка на поштата во Штип, ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип го означи како партиско вработување. По истото, од таму обвинуваат за добивање на функции не по стручност и професионален успех, туку по партиска и семејна припадност.
„Непотистички парови на функционерско ниво во СДС, не запираат. Од пред неколку денови, директорка на поштата е сопругата на директорот на затворот. Повторно имаме ситуација, кога брачна двојка држи две функционерски места. Таков е примерот со директорката на градинката „Вера Циривири Трена“ и командирот на ТППЕ Штип, како примерот со ВД директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи и раководителот на подрачната единица во Штип на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Она што го зборуваме извесно време, станува непобитен факт.“ – истакнаа од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип.
Тие велат дека Штип е место каде неколку фамилии го контролираат и управуваат животот на мнозинството граѓани. Од таа причина, според нив, на првите избори ќе падне оваа корумпирана, неподобна и неспособна гарнитура.
На ова од СДСМ велат дека од ВМРО ДПМНЕ излегуваат со неосновани обвинувања.
„Во очај и безидејност, партијата која беше симбол на партизација на администрацијата излегува со неосновани обвинувања.
За разлика од нивното време на владеење, денес администрацијата и раководните функции се професионализирани, огласите се јавни и транспарентни и за сите кандидати важат подеднакви услови.
Пред да зборуваат за роднински врски при вработувањата, нека се потсетат дека нивната единствена реформа беше да се вработат партиски неадекватни и непрофесионални кадри.“ – рекоа од СДСМ.
Лаура Стојанова М-Нет