Со позитивни впечатоци од полуфиналната вечер протече денешниот ден пред почетокот на финалето на „Макфест“ 2021. Временските услови не ја спречија публиката да дојде и да ужива, а предвидувањата се такви и за вечерва. Оние кои успеале да земат карти, кои сега веќе се продадени, ќе можат да уживаат во изведбата на петтемина финалисти и 14 изведувачи.
На денешната прес-конференција беше доделена и новинарската награда за најдобриот новинар којшто најуспешно говорел за „Макфест“ со своите текстови, фотографии и видеа. Истата ја доби Марија Таушанска – Анастасова.
Организацијата на фестивалот зеде момент со оромен аплауз да се заблагодари на Драган Ристов, кој беше долгогодишен организатор на „Макфест“, за постојаната посветеност и шарм кои ги даваше на овој фестивал.
„Меѓутоа, за жал оваа пандемија одзеде човечки животи не само во нашата земја, туку и во целиот свет и, за жал, овој храбар организатор, дел од „Макфест“, дел од тимот оваа година не е присутен. Но со неговата енергија и со неговата аура, верувам, дава една убавина на „Макфест“.“ – рече Градоначалникот во таа прилика.
Петтемина финалисти се најдобрите меѓу пристигнатите стотина песни, а најдобрите се избираат по принцип на гласање од стручно жири, публиката и дирекцијата. Планирано е вечерва да се доделат прва, втора и трета награда. Дополнително, ќе се доделат и стручни награди за најдобар дебитант, најдобар сценски настап, најдобар интерпретатор и најдобар аранжман.
„Добивме скоро стотина композиции на конкурсот, при којшто направивме жири од професионалци, луѓе од музичкото средно училиште, Факултетот за музичка академија, јас. Преслушувавме, биравме и примивме скоро половина од песните. Скоро половина се од конкурс, другите композиции се од системот на нарачки, затоа што ни треба како популарни изведувачи, така и популарни, добри автори, хитмејкери за коишто знаеме дека можеме да се потпреме на нивното искуство, на нивната идеја во самите композиции“, истакна уметничкиот директор, Владимир Дојчиновски.
По доделувањето на наградите, официјалниот дел на вечерашното финале ќе заврши со забавна програма за присутните.
Ребека Спасова МНет
