Струмица славеше убедливо против Борец и закажа финале со Штип УГД

ФОТО: Александар Ванев, М-Нет телевизија

Сосема очекувано имаме реприза на ланското финале меѓу Струмица и актуелниот бранител на Куп титулата Штип УГД.

Струмица со 3-0 во сетови не виде мака и триумфираше против велешкиот тим со што се пласираше во големото финале, кое е закажано за сабота во 19 часот во СРЦ „25 Мај“ во Радовиш.

Ова ќе биде реприза на ланското финале, а сега струмичани ќе бидат желни за одмазда откако нивната доминација беше запрена минатата година кога Штип УГД триумфираше и ја освои првата Куп титула во својата историја, а која беше и прва Куп титула во Штип во колективен спорт.

Претходно, во првото денешно полуфинале Штип УГД со 3-0 во сетови го доби Работнички и така стигна до големото финале.

Штипјани веќе се мобилизираа и ќе има организиран бесплатен превоз, поддршка со три автобуси ќе пристигне во Радовиш.

Струмица сака одмазда, Штип УГД сака историска втора титула во низа односно одбрана на Куп титулата. Повеќе од спектакуларно финале ќе гледаме на двете најдобри одбојкарски екипи во Македонија.

Александар Ванев, М-Нет