
Ракометарите на Струга со 33:26 триумфираа над „фенерџијата“ Радовиш и го испратија во понизок ранг на натпреварување за следната сезона, односно радовишани следната сезона ќе се натпреваруваат во Првата лига, а пак стружани ќе мора да го обезбедат опстанокот во Супер лигата преку бараж.
Вториот дел беше пресуден за поразот на Радовиш во градот на поезијата, а со тоа тимот останува единствен без освоен бод и го впиша 27 пораз во низа.
Прилеп го доби пелагониското дерби со Еурофарм Пелистер 2 откако славеше со 29:26 и со тоа го држи првото место во плеј-аутот, додека пак Куманово со 35:28 славеше над Пролет и со тоа врзан трета победа во низа, а пак скопскиот тим запиша втор пораз во низа.
Во однос на самата табела на првото место е Прилеп со 30 бодови, втор е Еурофарм Пелистер 2 со 25 бодови, а пак трет е тимот на Пролет кој има 19 бодови, а Куманово е сигурен на четвртото место со 15 бодови.
На претпоследното место односно во бараж зоната е Струга со девет бодови, а на дното е Радовиш без бодови.
Во однос пак на табелата во плеј-офот таму лидер е Вардар и сигурно ја освојува титулата, „вардарци“ имаат 52 бодови, втор е Охрид со 44 бодови, а толку има и се уште актуелниот шампион Еурофарм Пелистер со ист број на бодови. Алкалоид е четврти со 40 бодови, Тиквеш е петти со 24 бодови, а на дното во плеј-офот е Бутел со 22 бодови.
Александар Ванев, М-Нет