Странци сакаат да живеат во Македонија, велат дека кај нас е подобро

Странци велат дека сакаат да ја напуштат својата татковина и својот живот да го продолжат во Македонија! За нив, тие велат дека нашата земја е место каде дишат послободно, живеат помирно и се чувствуваат прифатено. Луѓе од Турција и Русија велат дека овде пронашле подобар и поквалитетен живот, далеку од стравот, пртисокот наметнат од државата и скапотијата со кои се соочувале. Македонија ја опишуваат како топла, чиста и човечна земја во која повторно сакаат да пуштат корени. Дури и оние што со децении живееле надвор, денес сонуваат повторно да се вратат и засекогаш да останат овде.

„Можам на македонски да зборувам, четири години веќе овде учам и жевам. Има многу очигледни причини за тоа, војната, таму има многу пропаганда, ѓи блокираат сите достапни извори на интернет во странство и така натаму. Во детството таму беше многу поубаво, сега е пострашно. Овде живеам со брат ми, родителите живеат во Србија. Овде е поевтино, особено за намирниците. Овде е почисто, посвежо можам да кажам, можеби нема одредени работи, но овде е подобро за живеење.“- Александар Ситњик од Русија

По 30 години живот во Турција, Севдие Ѓулар вели дека срцето повторно ја враќа во Македонија. Таа раскажува дека овде животот е послободен, помирен и многу посреден, а желбата повторно да живее во родниот крај е се поголема, толку што и нејзиниот син сака засекогаш да се врати во Македонија.

„Јас тука сум родена, таму се преселивме, 30 години сме таму. На гости сум дојдена, роден крај ми е, многу сум сврзана, 30 години немам доваѓано и ме тера да дојдам пак овде. Роден крај, овде животот е послободен, се е сменето од пред 30 години, сега е навистина многу посредено. Има некој кој купувале овде станови од Турција. Јас сум еден месец овде. Не, исто доваѓа, овде 50 евра растурив, за тие 50 евра многу купив, македонската пара и лирата имаат многу разлика. Јас сакам, имамм поднесена молба за државјанство, пак да се вратам назад. Мојот син, тој беше овде роден, и на мене ми вели дека ако не можам да направам државјанство овде, ќе ме дадел на суд, ќе ме тужел, вели јас бев малолетен а ти ме однесе и сега јас сакам овде да живеам. Овде сака. Ќе си дојдеме ако даде Господ, живи и здрави, ако можам да добијам државјанство, не седам овде еден месец, за еден месец ќе се вратам овде ќе си дојдам.“- Севдие Ѓулар од Турција

Странец од Русија вели дека токму овде пронашол топлина, прифатеност и квалитет на живот што одамна му недостигал. Некои од странците и по децении поминати во странство, денес повторно сакаат да се вратат, да живеат и да ја градат својата иднина во Македонија.

Дајана Сандева, М-Нет