„Овој ребаланс ќе даде подобар квалитет на животот на граѓаните, на стопанството и на институциите и овој ребаланс ќе гарантира дека во наредните шест месеци до крајот на завршувањето на оваа година граѓаните ќе имаат повисоки плати, ќе имаат повисоки пензии, приватниот сектор ќе добие поддршка и секоја сфера на општеството ќе расте“, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски во обраќање на денешната собраниска седница.
Стојаноски истакна дека со предложениот ребаланс вкупните приходи се зголемуваат од 374,9 милијарди денари на 379,5 милијарди денари, што претставува зголемување за 4,5 милијарди денари, односно 1,2%. Исто така, Стојаноски нагласи дека ставката која се однесува на капиталните инвестиции се зголемува за 5,8 милијарди денари, односно за 14,5% и истата треба да генерира дополнително финансирање на изградба на проекти во државата.
„Развојните потпрограми, оние коишто се директно одговорни за тоа што ќе се направи во државата, достигнуваат 41 милијарда и 58 милиони денари, што значи зголемување од 4,2 милијарди денари, односно 11,4%“, кажа Стојаноски.
Стојаноски, меѓудругото, потсети дека во првите пет месеци од 2026 година вкупните приходи изнесуваат 140 милијарди и 162 милиони денари, што е, као што рече, за 5,7% повеќе споредбено со истиот период лани, а даночните приходи, пак, бележат раст од 4,6 милијарди денари, односно 6,3%.
„Јуни 2026 година е рекорден месец за наплата на царинските давачки во Република Македонија. Во првите шест месеци во оваа година споредено со првите шест месеци претходната година имаме наплатено 50 милиони евра повеќе“, рече Стојаноски.
Тој напомена дека „Секој денар мора навремено да се претвори во конкретен проект, објект или услуга за граѓаните“ и ги посочи четирите работи, кои највеќе ги интересираат граѓаните, а се опфатени со овој Ребаланс.
„Средствата за плати и надоместоци се зголемуваат за 1 милијарда и 128 милиони денари. Тоа значи дека до крајот на годината ќе се испочитуваат сите колективни договори и граѓаните ќе добијат повисоки плати. Второ, субвенции и трансфери се зголемуваат за над 3 милијарди денари. Овие средства се наменети за земјоделството, железничкиот сообраќај, ученичкиот и студентскиот стандард, породилното отсуство, Мој ДДВ и други приоритетни расходи. Број три, социјални трансфери се зголемуваат за 2 милијарди и 234 милиони денари, пензиските обврски, здравствената заштита и други важни државни обврски коишто не се луксуз, но се обврска за државата“, кажа Стојаноски и додаде:
„Во здравството развојните потпрограми растат за 94,4% односно околу 300 милиони денари. А реконструкцијата и доградбата на јавните здравствени установи расте за 187% или 300 милиони денари. Образованието, развојните потпрограми достигнуваат 2 милијарди 144 милиони денари со зголемување од 220 милиони денари.
Инфраструктурните проекти во општините растат за 120 милиони денари, а студентски домови преку енергетска ефикасност за 96 милиони денари. Во социјалната политика развојните потпрограми растат за 58,8% односно за 156%, а инфраструктурни проекти во општините растат за 113%“, додаде Стојаноски.
Текстот Стојаноски: Секој денар мора навремено да се претвори во конкретен проект, објект или услуга за граѓаните, а токму тоа се прави со овој ребаланс е превземен од МАКФАКС.