
Уште во првото коло на новата сезона во Втората македонска фудбалска лига ќе се одигра дербито во Македонска Каменица меѓу екипите на Каменица Саса и Осогово од Кочани.
Ова е дерби на два лути ривали кои имаат големо фудбалско ривалство, но секогаш по натпреварот подаваат рака меѓусебно во знак на спортскиот фер-плеј.
Осогово минатата сезона имаше среќа преку ждрепката да избори опстанок, бидејќи во баражот загуби од Шкендија Арачиново, а „жетварите“ веќе неколку сезони се во долниот дел од табелата и водат тешка борба за опстанок. Од друга страна „рударите“ минатата сезона одиграа одлично и завршија на шесттото место откако претходната сезона 2023/2024 буквално во последното коло го изборија опстанокот.
Во новата сезона Осогово ќе цели повисоко, а тоа ќе биде да заврши во топ осум ако сака директен опстанок, а истото ќе биде и со Каменица Саса. Борбата за пласман во горниот дел од табелата ќе биде неизвесен бидејќи само првите осум позиции гарантираат директен опстанок, екипи од 16 до 12 место испаѓаат директено во Трета лига, а пак екипи од 11-тото до 9-тото место ќе играат бараж за опстанок.
Осогово досега официјално ги промовираше Христијан Митревски, Христијан Поп Антоски и голмаот Филип Лазаревски, а се очекува уште неколку нови засилувања, а притоа тимот на Крсте Крстев го задража речиси целиот ростер од минатата сезона.
Каменица Саса засега официјално нема промовирано нови играчи, се очекува во следниот период да ги претстави првите засилувања за новата сезона.
Александар Ванев, М-Нет