Старото основно училиште во карбинско Радање ќе добие нов лик, се финализира реконструкцијата

Во финална фаза е реконструкцијата на основното училиште во село Радање. Зградата, стара повеќе од осум децении, првпат се обновува целосно. Се заменува старата дотраена конструкција со современ и безбеден објект. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, вели дека проектот е при крај и во иднина ќе биде пуштен во употреба. Според него, со ова се обезбедуваат подобри услови за учениците и наставниот кадар во селото.

,,Ние веќе имаме низа од проекти кои што се во фаза на завршување. Во една таква фаза е и училиштето во село Радање, кое што е предмет на реконструкција од една навистина стара зграда, повеќе од 80 тина години, која што беше во една лоша состојба. За прв пат се целосно обновува и ќе добие еден модерен лик и функционална зграда, која што ќе биде за учениците и за персоналот, односно наставниот кадар.“, рече Паунов

Во Општина Карбинци се работи интензивно и на неколку нови инфраструктурни проекти. Во тек се активности во селата Таринци и Карбинци, а започна и уредувањето на речното корито на Козјачка река.

,,Понатаму имаме еден поголем инфраструктурен проект, а тоа е во селото Таринци,кој наскоро ќе биде завшрен, тоа е улица од 560 метри исто така еп редмет на финансирање од страна на владата. Веќе се завршени и тротоарските површини во село Карбинци и покрај општината, а во почетната фаза е и речното корито на Козјачка река, која што исто така ќе се канализира и ќе се уреди. Граѓаните можат да очекуваат многу нови проекти во делот на патната инфраструктура, образованието, како и спортот.“, додава Паунов

Со овие проекти Општина Карбинци ја продолжува динамиката на развој и подобрување на животните услови во сите населени места. Локалната власт најавува дека во наредниот период ќе следуваат уште инвестиции во патната и образовната инфраструктура, но и во спортот. Целта, како што велат од општината, е секое село да добие подобри услови за живот.

Иван Митев, М-Нет