
Продолжува интересот за трета доза вакцина во вакциналниот пунк во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип. Меѓутоа, за разлика од претходно кога бројката на граѓани боцнати по трет пат беше над 300, сега бележи благо опаѓање односно дневно бустро доза примаат од 150 250 граѓани. За прва доза вакцина се уште нема зголемување на интересот кај граѓаните исто како и за младите лица до 18 години.
„Претходната недела држеше континуитет меѓу 150 – 250, зависно од денот за трета доза, за прва доза интересот е помал и се движи меѓу 20 – 50 дози дневно. Вакцинацијата оди без пријавување на мој термин со слободен пристап, интересот на лицата од 12 до 18 години не е зголемен“ – кажа Миланова.
Миланова посочи дека во сабота вакциналиниот пункт во Штип ќе работи , апелирајќи до граѓаните кои се уште не се вакцинирани да дојдат и да се вакцинираат.
Во Штип досега со трета доза вакцина се имаат боцнато над 2000 граѓани, а нус појави има забележано кај неколку од нив, меѓутоа тоа се очекувани реакции, додаде Миланова.
Во Кочани бројот на лица кои сакаат да примаат трета доза вакцина е солиден, велат тамошните медицински лица додавајќи дека за разлика од претходниот месец сега благо расте и интересот за прва доза вакцина. Конкретно за претходните два дена со прва доза во Кочани се вакцинирани околу 90 граѓани, а со трета нешто над 200.
Министерот за здравство Венко Филипче на прес конференцијата истакна дека до сега во државата вкупно се аплицирани над еден милион и 600 илјади дози вакцини, прва доза вакцина примиле над 810 илјади граѓани, од кои 8000 се вакцинирани во странство, а ревакцинирани се над 780 илјади граѓани. Трета доза вакцина примиле над 46 илјади граѓани. Меѓутоа регистрирана е стагнација, кажа Филипче апелирајќи до граѓаните да бидат свесни и да се вакцинираат.
Лаура Стојанова М-Нет