Стабилна ковид ситуација во болниците од Истокот, нема починати лица

Нема зголемување на бројот на хоспитализирани пациенти во Клиничка болница Штип во изминатите денови. Во моментов хоспитализирани се 45 пациенти. 39 во модуларната болница и шест на Кожното одделение, кое работи како ковид – оддел. Од нив, 32 лица имаат поtреба од кислородна поддршка, а вакцинирани се 14 пациенти. Во последните 24 часа новопримени се три, а оздравени четири пациенти.

„Имаме околу четириесетина пациенти коишто се примени во модуларната болница и имаме неколку пациента, оние со полесна клиничка слика, коишто се на одделот за дерматовенерологија, којшто ни е како помош за болнички легла на пациенти со полесна клиничка слика. Имаме во изминатиот период едно благо плато, да речеме, немаме зголемување на бројот на амбулатски прегледи и на хоспитализации. Така што ситуацијата е таква, знаете дека во модуларната болница поголем дел од пациентите се на кислородна поддршка, значи, се работи за тешки пациенти. Битката продолжува и понатаму и се надеваме дека, веќе на месец дена од почетокот, полека ќе почне да паѓа бројот на новозаболени и дека ќе се намали бројот на новозаболени, па ќе се намали притисокот и во модуларната болница“, информираше директорот на Клиничка болница Штип, д-р Ален Георгијев.

Георгијев истакна дека кога ќе биде завршена целосно зградата на инфективниот оддел, пациентите ќе бидат префрлени таму, а модуларната ќе се затвори, бидејќи истата служеше за помош кога имаше голем наплив на пациенти во претходните ковид – бранови.

„Кога ќе биде ковид – зградата спремна, таму ќе биде како и до сега. Значи, модуларната болница беше помош во оној бран кога имавме над 100 пациенти. Доминантно место каде ќе се лекуваа пациентите од корона ќе биде зградата на Инфективното одделение, но доколку има потреба, модуларната болница и понатаму ќе биде во функција“, додаде Георгијев.

Во меѓувреме, во Кочани хоспитализирани се само шест пациенти на Интерното одделение, кое работи како ковид – оддел, од нив четири лица се вакцинирани и исто толку се и на кислородна поддршка. Во последните 24 часа нема новопримени пациенти, а испишани се две и нема починати лица, информираат од тамошната болница.

Ребека Спасова МНет