Средствата за новогодишни реквизити во Пробиштип ќе бидат донирани на деца за лекување

Парите наменети за новогодишни реквизити Општина Пробиштип ќе ги донира на дечиња кои треба да заминат на лекување во странство и на кои им е неопходна парична помош. Централното градско подрачје е подготвено за празниците вели градоначалникот, Тони Тоневски, ама не се потрошени дополнителни средства за украсување.

„Сепак Општина Пробиштип успеа да подготви новогодишна атмосфера без потрошени средства за украсување. Тие средства кои беа планирани во програмата на Општина Пробиштип за украсување накголем дел ќе бидат поделени веднаш по Нова Година на наши сограѓани на кои им е неопходна парична помош, посебно на неколку дечиња кои треба да одат на операција во странство“ – вели Тоневски.

Најактуелни овој период се приредбите кои се органзираат од страна на дечињата од основните училишта и градинките, како и предновогодишниот базар кој се организира деновиве.

„За новогодишната ноќ традиционално во Пробиштип не се организира дочек на плоштадот бидејќи и нема интерес од самите граѓани, но пред новогодишните празници има повеќе активности, главно престави на најмалите, базар и слично“ – додава Тоневски.

Тоневски додаде дека празничниот дух веќе се чувствува и посака празниците да поминат мирно и достоинствено.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет