Средба на пратениците од Левица со рускиот амбасадор: Добрите односи со Руската Федерација се национален интерес

Во современите сложни геополитички услови, одржувањето добри релација со сите страни е неопходен предуслов заради правилно позиционирање на државата во мултиполарниот свет што веќе стана реалност, велат од партијата Левица.

„Земајќи ја во предвид специфичната географска и деликатната политичка положба во која се наоѓа Македонија, Левица години наназад гради односи на достоинство, еднаквост, взаемопочит, без фаворизирање или исклучување на определени страни.

Во репрезентативната ‘Струшка сала’ на Собранието, пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Реџеп Исмаил – Хактан, денес, остварија средба со амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Н.Е. Дмитриј Зиков.

И покрај промената на власта, по однос на прашањата од надворешната политика, во однос на Руската Федерација речиси нема никаква промена. За жал од новата економска и енергетска криза, нашите власти не научија ништо. Санкциите не само што остануваат на сила туку и се продолжуваат, развојот на односите помеѓу двете земји е сведен на минимум, а македонското МНР се однесува како да се наоѓа во Брисел, а не во Скопје.

Поради сето ова, беше истакната потребата од повторно воспоставување нормални односи помеѓу Република Македонија и Руската Федерација.

На средбата се зборуваше и за катастрофалната состојба во земјоделието, која трае со години поради еднострано воведените санкции од наша страна. Огромен број градинарски и овошни култури кои ги произведува македонскиот земјоделец, остануваат на полињата, пропаѓаат или се продаваат за цени не достојни ниту за влогот во производство, додека нашите политичари сами ја затвораат вратата на извозот којшто би значел просперитет за илјадници земјоделци.

Средбата помина во срдечна и пријателска атмосфера, каде беше истакната потребата од укинување на сите политички наметнати ограничувања што го попречуваат економскиот, енергетскиот и културниот развој на Македонија, преку стратешка билатерална соработка со Руската Федерација“, велат од партијата преку соопштение.

Текстот Средба на пратениците од Левица со рускиот амбасадор: Добрите односи со Руската Федерација се национален интерес е превземен од МАКФАКС.