
Денес во ООУ „Ванчо Прке“ во Штип се одржан настан „физичко воспитување заедно со одбојкарите на ОК Штип УГД“ за промоција на одбојката како спорт од страна на одбојкарскиот клуб Штип УГД.
Целта на овој настан е да се поттикнат учениците да го засакаат овој спорт и воедно да започнат со тренирање на истиот.
Основите на одбојката ги презентираа тренерот на ОК Штип УГД, Кристиан Ристески, како и репрезентативците на Македонија, Костадин Ричлиев, Давид Стојанов и Стојче Арсов.
„Нашиот клуб во текот на овој и наредниот месец најверојатно ќе превземе низа активности со запознавање на пред се одбојкарската игра на одбојката и на нашиот клуб ОК Штип УГД, генерално да го претставиме во Штип. Така што прва активност наша е да им направиме еден тренинг да видат децата да се запознат со одбојкарската игра по основните и средните училишта и на некој начин им ја доближиме поблиску одбојката. Претпоставувам дека децата добро ќе го прифатат тоа има интерес и од наставниците за поддршка на овие активности“, рече тренерот на ОК Штип УГД, Кристиан Ристески.
Во ОК Штип УГД има околу 20-тина деца кои веќе тренираат, а целта на овие настан како денешниот ќе биде да се зголеми бројот на деца кои ќе тренираат одбојка.
„Секако во машкиот клуб членуваат некаде околу 20 деца, ова е една од активности која што ние сметаме дека ќе зголеми интересот кај претежно машката популација, така што останува да видиме нели да ќе вроди со плод. Наша идеја е дека активностите кои што ќе ги превземеме ќе го зголемат број на членови во нашиот клуб“, додаде Ристески.
Стаменков истакна дека овие активности ќе продолжат и во иднина, а преку истите да се покажат основите на одбојката.
„Денес е почеток на еден проект кој се вика Физичко воспитување заедно со одбојкарите од Штип УГД. Сакам да напоменам дека денес гости во ООУ „Ванчо Прке“ се тројца членови на штипскиот одбојкарски клуб Штип УГД, а воедно репрезентативци на Македонија, Костадин Ричлиев, Давид Стојанов и Стојче Арсов кои на некој начин ќе ги покажат основите на одбојката. Сметам дека ова е многу важен проект од аспект на тоа што се вклучени деца од најмала возраст и на овој начин ќе се потрудиме да ја разбудиме желбата и интересот кај младите за да се занимаваат со одбојка и спорт воопшто. Во контекст на оваа сакам да напоменам дека часовите по одбојка односно тренинзите по одбојка се бесплатни, така да ова е еден апел до сите родители кои сметаат дека нивните деца имаат желба да тренираат одбојка да се обратат кај надлежните да ги запишат и да почнат да тренираат“, рече портпаролот на ОК Штип УГД, Горан Стаменков.
Децата во ООУ „Ванчо Прке“ во Штип покажуваат интерес за одбојката како спорт, а во одбојкарската секција членуваат помеѓу 40 до 50 деца во машка и женска конкуренција.
„Децата во нашето училиште покажуваат доста голем интерес ние работиме со континуирана работа со одбојкарската секција имаме тренинзи од односно часови двапати во неделата, во вторник и четврток во време траење од еден час и 30 минути. Значи тоа е секоја недела по четири часа неделно. Имаме одбојкарска секција каде што членуваат од 40 до 50 дечиња во машка и женска конкуренција“, рече настаникот по физичко и здравствено образование во ООУ „Ванчо Прке“, Ѕвонко Рунчев.
Освоената историска Куп титула на ОК Штип УГД која е единствена Куп титула на град Штип во клупски спорт буди уште поголем интерес за децата да тренираат одбојка.
„Секако, ние имаме соработка со клубот Штип УГД со машкиот одбојкарски клуб имаме соработка еве тие ни донираат неколку топки за да може децата во помала возраст да работат со тие топки кои што се наметени за помладите генерации. Ние и на часовите гледаме да ја сакаат децата одбојката“, додаде Рунчев.
ОК Штип УГД во новата сезона покрај во сениорска конкуренција ќе настапува и во сите младински категории.
Александар Ванев, М-Нет