
Спортскиот директор и ПР менаџер на третолигашот Беса од Сарај си поднесе оставка, но како што вели во неговото официјално соопштение тој и натаму ќе дава силна поддршка на клубот, притоа се заблагодари на претседателот на клубот за укажаната можност да ја врши оваа функција во клубот.
„Денес, со тежина што тешко можат да ја издржат моите раменици, со болка што тешко ја опишувам со зборови и со љубов што нема граници, јас Гарип Рамадани ,ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од сите функции во клубот кој ми го запали срцето и ми го возвиши духот: ФК Беса – Скопје (Сарај). Овој чекор го правам со тага, но со чиста совест, знаејќи дека отворам простор за младите, за нова енергија, за свежи идеи кои му се неопходни на секој клуб што сака да оди напред. Се приклучив во 2024 година, во втората полусезона, кога многумина се сомневаа, а малкумина веруваа. Но ние со пот, труд, жртва и душа , ја освоивме 4-та Лига Скопје. Го замолкнавме секој лош глас, ја совладавме секоја пречка и го подигнавме клубот на највисокото ниво што можеше да го постигне во својата прва активна година. И денес, со жалење признавам дека ја предавам мојата должност. Не затоа што сакам да заминам, туку затоа што е време. Време за нови идеи, нова сила и нови визии – можеби и подобри од моите. Сето тоа со една цел: ФК Беса да оди напред. Да не застане. Мојата поддршка ќе биде вечна. Моето срце чука за Беса, за нашите бои, за нашиот клуб. Посебна благодарност до Претседателот Леке Зајази, човекот што ми веруваше на секој чекор, и до целиот поддржувачки персонал. Од 04.12.2025 повеќе не сум официјален дел од клубот, но духовно… Ќе бидам со вас до мојот последен здив“, вели Рамадани.