Во православниот календар денес е запишан празникот посветен на апостолот Тома, кој е еден од дванаесетте апостоли, уште познат како „Неверен Тома“.
Во личноста на неверниот Тома го видоа симболот на сомнежот во Христовото воскресение, зашто истото беше неверување во Христовото подигање од мртвите. Она што му е уште помалку познато на нашиот народ е дека неверувањето на истиот Тома, Господ го искористи за да се потврди пред целиот свет реалноста на Неговото воскресение. Апостол Тома ги стави прстите во Христовите рани и ја опипа реалноста на живото тело, истото тело кое претходно умре на крстот. Подоцна, кога апостолите се распрснаа по целиот свет да го проповедаат Евангелието, Тома отиде во Индија.
Во Индија обратил многумина, големци и сиромашни во верата Христова и таму ја основал црквата поставувајќи свештеници и епископи.
Таму пострадал маченички и со тоа уште еднаш, сега јасно, ја посведочил својата вера во воскреснатиот Спасител.
Народот го смета за лесен празник, но во секој случај е пример за тоа како денешните верници да го шират христијанството и да сведочат за верата.
