
Домашното производство на штипскиот пазар ги намали цените на производите. Поевтино од минатиот велигденски петок, ама кај некои производи мерката за замрзнатите цени и не се почитува целосно. Краставицата околу 60 – 70 денари, а доматот можеше да се најде по цена од 110 до 120 денари. Граѓаните со поделено мислење по однос на ова прашање, за некои цените солидни, а некои велат дека се разочарале оти очекувале овој петок да помине со пониски цени.
Продавачите потврдуваат дека цените се пониски, а велат дека причина за тоа е што домашно производство веќе има. Очекуваат цените дополнително да се намалат со тоа што следните недели ќе има зголемена понуда. Краставицата и кромидот, кои на дел од тезгите беа од домашно производство се продаваа по цени од 60 до 70 денари.
Одлуката за ограничувањето на највисоките цени на овошјето и на зеленчукот во трговијата на мало останува да важи до крајот на месецов откако истата еднаш беше и коригирана. Ограничувањето за килограм свежи домати во моментов е 95 денари, за килограм краставици до 95 денари, за кромид до 70 денари и зелени пиперки до 100 денари. Во однос на овошјето, пак, килограм банани треба да се продава најмногу до 75 денари, килограм портокали до 60 денари, исто како и лимони, а за килограм мандарини ограничувањето е до 65 денари. Непочитување на ваквата мерка е констатирано на повеќе места низ државата, поради што Министерот за економија, Бектеши, посочи дека по празниците ќе ги објави имињата на тие кои ја прекршиле одлуката.
Ребека Спасова М-Нет