
Искршени клупи, детски реквизити, ново поставени содржни, уништени јавни површини се сѐ почеста слика во Општина Штип. Денеска се прави, за неколку дена се уништува. Ниската свест кај граѓаните води до ситуација да не се чува она што се поставува, а последиците ги чувствуваат сите. Надеж за спас од ваквите појави е поставувањето на 200 камери односно видео надзори на повеќе локации во Штип. Со помош на нив ќе се откриваат девијантните појави во сообраќајот, но и во парковите, училиштата, градинките и слично.
„Со поставувањето на камери и на видео надзор на јавни површини конечно ќе се санкционира се она коешто како појава ни се случува со години наназад. Веќе сме во постапка за поставување на околу 200 камери и видео надзори со кои ќе бидат опфатени многу јавни површини. Паркови, градинки, училишта, сообраќајници, крстосници и ќе имаме видео надзор на голема површина на територијата на општина Штип. Верувам дека ова ќе користи за санкционирање на сите девијантни појави“ – вели Јорданов.
Граѓаните ги уништуваат и поставените заштитни столпчиња по тротоарит, кои се поставени со цел да не се паркираат возила. И директорот на ЈП Стипион, Панче Стефановски, спас гледа во поставувањето на камери и видео надзор.
Камери и видео надзор ќе се постави не само во централното градско подрачје, туку и во повеќе населени места во Штип, со цел да расте свеста кај граѓаните и да се чува она што се поставува.
Инаку, Општина Штип на годишно ниво троши околу три милиони деанри за поправка на она што е уништено.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет