
Случајот со пријавите за бомби во Делчево е во фаза на расчистување, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој се надева оти наскоро ќе се дојде до расчистување и тоа само преку заеднички одговор на сите институции.
„Имаме во Кавадарци, веќе сме во фаза на расчистување на случајот за пријавување бомби во Делчево, така што полека откривачката дејност се шири. Меѓутоа, хибридните закани коишто доаѓаат и коишто сметаме дека се дел од испреплетување на геостратешките интереси се напади за коишто сите заеднички треба да дадеме одговор“, вели Спасовски.
Според Спасовски, решението на ваквите проблеми е преку сплотеност на институциите и токму на тој начин треба да се зајакнат капацитетите на системот. Тој нагласи дека институциите работат преку формираниот оперативен тим и веќе има резултати во откривањето.
„Се формираше работен тим којшто се состои од повеќе институции и којшто ќе работи во делот на спречувањето на сајбер нападите и давање одговор во делот на сајбер заканите. Во оперативниот тим се вклучени и Бирото за јавна безбедност, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, АЕК и други институции. Сајбер заканите и нападите се дел од најтешките кривични дела во државната власт и тоа покажува дека сите ние треба да се вклучиме во борбата за да ги спречиме овие закани и напади“, вели Спасовски.
Инаку, дојавите за поставени експлозиви најпрво пристигнуваа во училиштата, во главниот град, а потоа и во други градови. Потоа дојави имаше и во министерства, трговски центри, хотели, станбено-деловен комплес, железничката станица, полициската станица во Центар. За прв пат лажна дојава имаше и на скопскиот аеродром, по што сите летови беа одложени за неколку часа.
Ребека Спасова М-Нет