Спасовски: Лични документи има, прекинот е заради миграција во нов систем!

Заради ковид пандемијата зголемена е побарувачката за лични документи, истакна во Берово денеска Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој додаде дека лични документи како лична карта, возачка дозвола и пасош има, но прекинот е заради миграција во нов систем.

„Лични докуметни се издаваат и сега, едноставно имаше зголемен обем на побарувачка заради позната ситуација нели ковид ситуацијата, многу од луѓето не виделе дека им истекуваат личните документи. Имаме најава дека од денеска од 21 часот ќе имаме миграција на податоци во новиот систем за издавање на документи, тоа е процедура која мора да ја завршиме“ – истакна Спасовски.

Спасовски апелираше за трпение кај граѓаните, бидејќи како што посочи тој за нивно добро е продолжен рокот на важење на документите чија важност престанала на 01 јули. Спасовски додаде дека треба да се почитува и терминот за издавање лични документи.