
Луѓе од Австралија и Канада, како и други држави, вкупно 2.000.000, мината година го користеле Дигиталниот речник на македонскиот јазик. Ова е еден од ресурсите на кој може да се проверат зборовите на македонски јазик и е доказ дека јазикот постои без разлика дали некој го негира или не, вели основачот на Речникот, Шинаси Деребеј.
„Ние нашите корисници ги следиме преку „Гугл аналитикс“, имаме модул во Дигиталниот речник којшто ги следи и можеме да видиме колку има. Минатата година имавме 2.000.000 посетители на Речникот, тоа се посетители од цел свет, од Австралија, од Канада и тука е предноста на еден дигитален речник. Претходно, ако сакавме речник, носевме 30 килограми книги со себе и тука беше тешко, а сега со Дигиталниот речник луѓето од Канада и Америка кои сакаат да го учат јазикот имаат можност и пристап до речник“, вели Шинаси Деребеј, основач на Дигиталниот речник на македонскиот јазик.
Сепак, Речникот содржи некои недостатоци, бидејќи сè уште ја нема терминологијата за некои дроги и отрови или, пак, зборови кои се јавуваат како неологизми особено при преводите на македонски јазик. Деребеј вели дека ова не е проект којшто може да го работи еден човек, а во моментов има најмалку тројца кои работат на обновување на Речникот.
„Во моментот, особено преведувачите, ако не најдат некоја алтернатива, преземаат оригинално и со тоа се англизира јазикот. Има многу проблеми кои се појавуваат во моментот, а кои треба да се решат, треба заеднички. Јазикот е заеднички проект, особено поради тоа што Македонија е мала земја, нема толку ресурси“, додава Деребеј.
Дигиталниот речник на македонскиот јазик е достапен од 2009 година. Покрај толкувањето на зборовите, истиот дава и можност за проверка на првописот на одреден збор, барање синоними, разложување на зборот на слогови, барање на употреба на одреден збор во текстови и слично. Во 2019 година истиот броел 75.557 збора.
Ребека Спасова М-Нет