Со слатки и солени специјалитети од тиква дечињата од ДГ Астибо – Штип го одбележаа светскиот ден на храната

Слатка и солена храна, различни десерти, украси од тиква изобилуваа на трпезата во Детската градинка Астибо во Штип. По повод Светскиот ден на храната, децата заедно со нивните родители покажаа како треба здраво да се хрнат, но и дека од тиква може да се подготват најразлични специјалитети. Директорот Илија Митров вели дека на ваков начин најмалите се учат на здрави навики.

„По повод Светскиот ден на храната денес изработуваме здрава храна, тематиката е Здрава храна од тиква. Бидејќи тиквата е предвесник на есената и децата заедно со родителите ја подготвија оваа храна која морам да признаам е дота креативна. На тој начин ги учиме и воспитуваме децата да стекнат здрави навики“- вели Митров.

Подготвената храна понатаму ќе биде донирана на семејства од социјален ризик. Со цел децата да се хранат здраво во, но и надвор од градинка се подготвуваат и дополнителни помошни брошури и прирачници за здрава исхрана.

„Во сите клонови по повод овој ден се подготвува, секаде проектот е ист, храната потоа ќе биде уредно спакувана и ќе биде поклонета на луѓе од социјални категории.“ додава Митров.

Вредните раце на дечињата со помош на нивните мајки и баби придонесоа денеска трпезата во детската градинка Астибо да биде полна со најразлични јадења.

Здрави навики – здрави деца е мотото по кое се води детската градинка Астибо Штип, а за тоа сведочи и принципот храната за децата да ја подготвуваат сами. Два оброка и две ужинки со задолжително овошје е репертоарот кој се нуди секојдневно.

Покрај изработката на храна дечињата уживаа и во забавно музичка програма.

Лаура Стојанова М-Нет