Со свеќа в рака и молитва, верниците го празнуваат летен Свети Атанас

Низ црквите и манастирите денеска масовно се одбележува летен Свети Атанас – празник посветен на Свети Атанасиј Велики, во народот познат и како Атанасовден. Голем број верници уште од раните утрински часови ги посетија храмовите, каде запалија свеќа за здравје, мир и благосостојба, упатувајќи молитви кон светецот за заштита од болести и несреќи.

Свети Атанасиј Велики бил еден од најзначајните христијански светители и архиепископ на Александрија во периодот од 328 до 373 година. Роден бил во Александрија во 296 година, а уште од мали нозе бил наклонет кон духовниот живот и христијанската вера.

Како млад духовник бил избран за ѓакон од епископот Александар, кого го придружувал на Првиот вселенски собор во Никеја. Токму таму Свети Атанасиј станал еден од најголемите борци против аријанството и учествувал во создавањето на Симболот на верата, кој бил усвоен од црквата.

По смртта на епископот Александар, Атанасиј бил избран за архиепископ на Александрија. Во текот на својот живот повеќепати бил прогонуван и обвинуван од неговите противници, но и покрај притисоците останал доследен на православното учење. Дел од животот минал и во прогонство во Галија, од каде подоцна повторно бил вратен на архиепископскиот престол.

Во народната традиција Свети Атанас се празнува двапати годишно – зимен и летен Свети Атанас. Зимниот се одбележува на 31 јануари, а летниот на 15 мај. Според народните верувања, Свети Атанас е заштитник од злите сили, болестите и несреќите, а неговите празници го означуваат преминот меѓу студениот и топлиот период од годината.

Иван Митев, М-Нет