
Со проектот за реконструкција на Акрополот на тврдината „Исар“, Општина Штип ќе аплицира на вториот јавен повик за искористување на средствата од унгарскиот заем. Градоначалникот, Иван Јорданов, посочи дека проектот денеска ќе се достави до Министерството за култура и туризам. Првиот чекор е реконструкција и обнова во автентичен стил на самата тврдина односно кале, а потоа ќе се прават и нови содржини на Исарот.
-Децениски сон на штипјани, коишто досега се замислувале како некогаш изледала тврдината „Исар“, синонимот и симболот на градот Штип, конечно проектот којшто го добивме од страна на Музеј-Штип успеавме да обезбедиме финансирање преку Владата на Република Македонија, нешто повеќе од 1,6 милиони евра се средства предвидени за изградба на тврдината „Исар“, вели Јорданов.
Проектот предвидува комплетна реставрација, реконструкција на акрополот и предвидено е изградба на три кули, кои ќе бидат поврзани со ѕидини во висина од четири метри. Проектот предвидува и целосно осветлување, пристапни скали можност за движење на посетителите до и во самата тврдина.
„На коишто ѕидини сите посетители ќе имаат можност да се движат и да имаат еден прекрасен поглед на градот Штип. Очекувам во наредниот период по завршувањето на тендерската постапка да се започне со реализација на овој значен од секаков аспект проект за нашиот град и со тоа Штип, какошто многупати досега сме напоменувале да го промени визуелниот изглед онака, какошто заслужуваат нашите сограѓани, изјави Јорданов.
Активностите треба да започнат за неколку месеци, веднаш штом ќе заврши тендерската постапка и се очекува поголем дел од активностите и реконструкцијата да бидат изведени во 2025 година.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет