
Јагнињата во радовишко стојат не откупени, сточарите велат бадијала се трудат и работат цела година, за на крај да не можат да добијат некој денар. До месец март најголем дел од јагнињата веќе требаше да бидат продадени, ама во пракса тие сѐ уште не се. Јагнињата веќе пораснаа, па се помалку се бараат, а дополнително цената на жива мера е од 220 до 230 денари по килограм, што е далеку од исплатливо.
„Имаме 500 овци, ама нема откуп, само се мачиме, јагињата не ги купуваат оти се големи, а 15 до 20 килограми јагне нема исплатливост да се продаде. Ако ги продадеме приватно тогаш немаме субвенции. Има приватни откупувачи кои даваат по 300 денари, а во кланица 220 230 денари по килограм.“ – вели Алиов.
Макотрпна работа, скапа храна, а млекото се продава по цена од 60 денари за литар. Волната од овците никој повеќе не ја бара, а идентичната е ситуацијата и со сирењето. Токму затоа од шест илјади овци во село Коџалија, радовишко, пред неколку години, денеска има едвај илјада и петстотини.
Сточарите бараат навремен откуп на јагнињата со цел да продолжат да работат и во иднина и да има доволно јагнешко месо. Дополнително посочуваат дека цената на жива мера јагне треба да биде најмалку 300 денари.
Пред Велигден велат можеби откупот ќе биде зголемен, но јагнињата постојано растат и мора да се продадат за да можат и тие да имаат млеко и да произведуваат сирење и млечни производи.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет