
Иако поголем број посетители имаше вчера, штипјани и утринава по повод празникот ја посетија црквата „Св. Ѓорѓи“, која се наоѓа на улицата „Д-р Слободан Јовановски“, на патот кон Касарната. Организаторите велат дека голем број посетители има секоја година, а празникот го одбележуваат со подготовка на јадење, музика и гостопримливост за сите.
„Заштитник на убавината на градот е „Св. Ѓорѓи“ тука, на ова место, кон Касарната. Се одбележува со курбан, со јагниња, се дели манџа, со музика. Се подготвува курбан со компир манџа, казаните се по 150 килограми. Синоќа имаше над 3.000 луѓе, секоја година е така, обично навечер има повеќе посетители“, вели Симо Костадинов, организатор.
Св. великомаченик Георгиј – Ѓурѓовден е празник од пролетниот циклус, којшто е непроменлив и секогаш е на 6 мај. Празникот не го празнува само христијанското, туку и целото население воопшто, бидејќи има голема традиција во словенските земји. Неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето, растителноста и животот воопшто. Штипјани за празникот си посакаа мир, здравје и среќа.
Меѓу обичаите и народните верувања заземаат они т.н. билјарски обичаи и песни кои се изведуваат при берењето на билките вечерта спроти празникот и на самиот ден рано наутро. Ритуалот е најистакнат во Западна Македонија.
Празникот во оваа црква во Штип се одбележува веќе 20. јубилејна година по ред и во секоја година масовно ги собира штипјани.
Ребека Спасова М-Нет