
Денес беше завршницата од третото издание на спортската манифестација „Пролетни денови на училишниот спорт“ во Штип, со рекордно учество на ученици, со воведени нови спортски содржини, со што се потврдува уште еднаш зошто Штип е град на спортот, а преку оваа спортска манифестација учениците се насочуваат кон спортување.
Денес беа одиграни финалните натпревари во футсал во машка конкуренција за средни училшта, каде во пенал рулетот екипата на ДСУ „Коле Нехтени“ беше подобра од екипата на СОУ „Јане Сандански“, а се одиграа и финалните натпревари во баскет 3х3 во женска конкуренција за средни училишта во салата „Коле Нехтенин“ во Штип, а по што беа доделни медалите и пехарите за најдобрите.
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов истакна дека е задоволен од масовноста и вклучувањето на учениците во оваа спортска манифестација „Пролетни денови на училишниот спорт“, дополни дека како локална самоуправа нивната цел е да се промовира спротот како една вистинска вредност, дополнувајќи дека се надева оти оваа манифестација ќе прерасне во една вистинска традиција и секоја година ќе се надполнува со нови спортски дисциплини.
Градоначалникот Јорданов им честиташе на сите ученици за постигнати резултати и за вклучувањето во оваа спортска манифестација.
„Денес ги проследивме финалните натпревари од Пролетни денови на училишниот спорт. Навистина сум задоволен пред се од масовноста, од тоа колку ученици се вклучија во оваа манифестација, од година во година е се помасовен и се поголем е бројот на ученици кои спортуваат и кои се вклучуваат во оваа спортска манифестација. Сакам да се заблагодарам на организаторите бидејќи кај учениците се промовира спортот на најдобар можен начин, а тоа е и целта на локалната самоуправа да го промовира спортот како една вистинска вредност. Преку спортот се градат вистински карактери да се научи да се победува, да се прифати пораз. Како локална самоуправа ќе продолжиме со оваа манифестација и следните години надоградувајќи се со нови спортски дисциплини“, рече градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов.
Годинава масовноста беше најголема, опфатени околу 600 ученици, а манифестацијата „Пролетни денови на училишниот спорт“ допринесе за голем интерес за шахот како спортска дисциплина, а интерес имаше и за велосипедизмот и планинарењето од страна на учениците.
„Денес е завршниот дел од Пролетни денови на училишниот спорт, на програмата се финалните денови во баскет 3х3 во женска конкуренција за средни училишта и финалните натпревари во футсал за машки за средните училишта. Оваа беа финалните натпревари, се надеваме дека во наредните години ќе вметнуваме нови спортови, нови игри кои ќе бидат интересни за сите наши ученици“, рече претседателот на Сојузот на училишен спорт на Штип, Зоран Арсов.
За успешна реализација на „Пролетните денови на училишниот спорт“ имаше соработка како со директорите на училиштата, така и со наставниците по спорт.
„Пролетните денови на училишниот спорт се посебен дел од програмата за спорт на општина Штип, бисер на програмата и кај нас дејствува позитивно. Годинава имаше повеќе дисциплини и тоа предизвика масовност кај учениците од сите средни и основни училишта. Би сакал да им се заблагодарам на директорите на сите училишта за нивното разбирање и поддршка, на наставниците по спорт бидејќи без нивна асистенција целата оваа организација не би можела да се организира. Една пораката со сите учесници што земаа учество во Пролетни денови на училишниот спорт активно да се занимаваат со спорт во наредниот период“, рече Тоше Ристов, раководител на одделение за јавни дејности при општина Штип.
Годинава беше третото издание на оваа спортска манифестација „Пролетни денови на училишниот спорт“, а за следното четврто издание планирано е воведување на нови спортски дисциплини.
Александар Ванев, М-Нет