
Утринава со Бајрам – намаз, а потоа со баклава, слатко, песна и заминување на гости едни кај други – верниците од исламска вероисповед денеска го прославуваат Рамазан Бајрам. По завршувањето на месецот Рамазан, а со тоа и на постот, празникот се слави три дена. Се посетуваат гробовите на предците и блиските, а потоа празникот се честита прво на најстарите, а потоа и на останатите. За славењето се подготвуваат и служат традиционални бајрамски јадења, особено месо и баклава. Велат, традицијата се практикува, а на овој ден си простуваат, се радуваат и прославуваат.
Помладите секогаш одат кај постарите, па така уште од утринава најмалите ги посетуваа домовите во маалото. На поздравот „Среќен Бајрам“, дечињата добиваат баклава, бонбони и пари.
Рамазан, деветиот месец во исламскиот календар, се смета за месец на почетокот на објавата на Куранот. Рамазан Бајрам е ден кога роднините се сретнуваат во благодет и внимание еден за друг, ден кога се соединуваат во молитви и ги оживуваат мостовите на љубовта и блискоста и кога се простуваат грешките на другите. Почетокот на Рамазан секоја година се поместува за 10 дена наназад, односно во престапните години за 11 дена, во однос на претходната година, поради разликата помеѓу исламскиот и грегоријанскиот календар.
Ребека Спасова М-Нет