Соломонско решение за Црквата „Свети Илија“ или Хусамедин пашина џамија

Археолошките истражувања од страна на НУ Завод и Музеј Штип на објектот познат како Црква „Свети Илија“, односно Хусамедин пашина џамија, кој постои од 16 век, го решија вековниот спор. Сите наоди со кои располагаат археолозите, го побиваат фактот дека џамијата е изградена на темели на црква, дознаваме од директорот на НУ Завод и Музеј, Митко Штерјов, кој додава дека сепак е донесена одлука, односно, пронајдено е Соломонско решение.

-Ние како институција добивме проект каде што вршевме археолошки истражувања во самиот објект и внатре и надвор, и на крајот се установи дека по сите наоди кои што ги имавме, дека нема темели на постар објект во овој дел каде што се наоѓа џамијата.

На крајот, бидејќи имаше имотно правни односи, тоа се реши на тој начин што сепак, Врховниот Суд одлучи дека тоа е имот на МПЦ, меѓутоа правејќи го овој проект ние дојдовме до едно Соломонско решение каде што на крајот ќе се конзервира овој објект и на крајот ќе биде галерија – истакна Штерјов.

Според Штерјов, на тој начин ќе се добие крајно решение за овој објект да добие функција, да се конзервира и реставрира, внатрешно да се уреди и да биде објект што ќе може да го користат сите како културно наследство.

НУ Завод и Музеј Штип конкурирале за финансирање од страна на Министерството за култура за реализирање на веќе готовиот проект, за објектот да го добие своето значење. За тоа е предвидена голема сума на пари.

-Целиот тој би коштал околу 500.000 евра, меѓутоа ние да одиме чекор по чекор. Ако можеме барем надворешно да ја заштитиме, бидејќи таа е во навистина лоша состојба. Барем кровот да го заштитиме и надворешно да се затвори, а потоа полека да се довршуваат работите внатре. И на крајот да биде тоа галерија. Тој простор стрикно да се кроисти за концерти и изложби – изјави Штерјов.

Изготвено е и идејно решение за уредување и на просторот околу објектот, а Медин Баба текето, што се наоѓа во дворот да биде пренаменето.

Да се задоволат желбите и на христијаните и на муслиманите.

Ако може да го направиме како етнолошка поставка, каде што ќе можеме да ги претставиме сите националности во нашата држава и да може да се направи еден параклис каде што ќе можеме и празникот Свети Илија достојно да се почитува и ако сме во можност, ако постојат финансиски средства, во тоа идејно решение сакаме да има и споменик на Свети Илија. Меѓутоа тоа е во фаза на идејно решение, ние сакаме да го презентираме на пошироката јавност, ако дојде на одобрување, и ако може да се најдат средства, мислам дека тоа ќе биде еден добар простор каде што ќе можат сите да си го најдат своето место  – објаснува Штерјов.

За овој објект има податоци дека е изграден во втората половина на 16 век. Турскиот патеписец Евлија Челебија пишувал за него уште во далечната 1662 година, како џамија на Хусамедин Паша. Но, поради мислењето дека е изграден на темели на христијанска црква, и муслиманите и христијаните го користеле за свои верски обреди. Штерјов истакнува дека до 1945 година овој објект бил во функција како џамија, а потоа, до 60-тите години на минатиот век се користел како уметничка галерија, по што бил оставен на забот  на времето.

Потоа започнуваат имотно-правните односи за до 2006 година да биде доделен на исламската верска заедница. Но, големиот број на парцели на таа локација биле причина објектот да се додели на МПЦ.

Сепак, директорот  на НУ Завод и Музеј Штип, Митко Штерјов е на мислење дека е донесено најдоброто решение – да биде дел од штипскиот музеј, да остане како споменик на културата, којшто на идните генерации ќе им сведочи за историјата.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ДАРКО ДОНЕВ