Мал е бројот на личности од Македонија, кои водени од носталгични чувства, одлучуваат животот и целото свое знаење да го посветат на откривање и промоција на тоа што значи и што нуди сопствената држава. За некои конкретно, регионот каде се родил и израснал. Еден од нив е м-р Никола Ристевски од Свети Николе, по професија економист кој носталгијата по родниот крај ја почувствувал за време на студирањето во Бугарија, на Економскиот Универзитет во Варна. Таму поминал неколку години специјализирајќи на темата „Стопанско управување“, за потоа своето знаење и видици да ги прошири, да истражува, за после десет години да магистрира на тема „Управување и маркетинг на туристичките потенцијали во Овчеполската Котлина“.
Го проучувал културното наследство, природните ресурси и економскиот потенцијал на овчеполскиот регион за што во изминатите четири години има издадено неколку книги.
-Престојот во странство за студии и за работа ми предизвика голема носталгија кон родниот крај и целата општествена ситуација во која што најчесто за мојот роден град Свети Николе, којшто по старо се викал Свети Никола налагаше многу луѓе да говорат претежно негативни работи ме предизвика да почнам да истражувам. Големото семејно наследство од моите покојни дедовци и мојот покоен татко, како и библиотеката со којашто располагам ми овозможи да имам добра основа за да започнам со ова. Потоа, почнав и сам да одам во многу библиотеки, да пребарувам дигитални архиви и библиотеки, со што слободно можам да кажам дека имам собрано над 1000 написи во кои што се споменува овчеполската котлина, кои биле објавени од почетокот на 19 век до крајот на 20 век.

Целото знаење и историските податоци со кои се запознал текот на годините, не се само пишан збор. Последните четири години Ристевски ги посветил и на тоа истите да ги сподели со заинтересирани туристи од државата и странство кои сакаат да се запознаат со овој регион. Пред да се појави состојбата со КОВИД 19, соработувал со туристичка агенција, и на туристите им раскажувал за големиот број, како што ги нарекува „мистични локации“ во овчеполието како што се Геоглифот или Гробот на Александар Македонски, потоа Ѓаволскиот Ѕид, Бела Зора, Дигнат Камем, старите овчеполски цркви. Вели, околу 500 луѓе годишно, некои и стихијно, неорганизирано биле дел од турите низ овчеполието кои тој ги организирал. Се` што споделува со нив, споделено и на неговата веб страна ovcepole.mk , како и на фан страната на Фејсбук – nikolaristevski/николаристевски, со кирилична и македонска поддршка.
Неговиот интерес за неговиот роден крај, поточно, работата на овој млад научник предизвикала интерес и поттик, како кај домашни, така и кај странски бизнисмени, претежно од дијаспората, кои сакаат да инвестираат во развојот на овој дел од Македонија. Културното наследство со кое располага овчеполскиот регион за Ристевски е дополнителен мотив да истражува и докаже дека станува збор за богатство со непроценлива вредност дополнето со природните ресурси.
А природни ресурси овој регион има, истакнува Ристевски, како што се големите површини подземни води, ветер што дува од сите четири страни и може да се искористи за енергија, и секако, сонцето, со големиот број сончеви часови кои ја греат овчеполската котлина.Сите информации од минатото, кои во текот на годините ги собирал и преточил како пишан текст, Ристовски е на мислење дека ќе се добредојдени за да ни покажат како да се справиме со сегашноста и како да си ја олесниме иднината.
„Копањето“ по сите тие стари книги и литература, научни трудови, списанија, и уште какви ли не податоци ми овозможи да дознаам дека кога пред многу години, бројно живеел помалку народ овде, кога ја немале технологијата со којашто ние располагаме денес, сепак успевале да произведуваат многу поголеми количини на житни култури, земјоделски продукти, раноградинарски продукти, производи кои произлегуваат од сточарството. И покрај сите окупации во минатото, сепак народот овде успеал да си го зачува своето, што ни покажува вистински урнек за тоа како и ние треба да се однесуваме денес, во 21 век. Нема мирна сегашност и стабилна иднина без познавање на минатото. Затоа што корените ни се навистина длабоки, а дрвото допрва расте и ги покажува своите плодови.
Плодовите се неговите книги и научните трудови, почнувајќи од 2016 година кога ја објавува книгата „Имагинариум“, магистерската тема „Управување и маркетинг на туристичките потенцијали во Овчеполската котлина“, а потоа и двата зборници за Овче Поле. Годинава се издадени уште два зборника, и заинтересираните веќе имаат огромен број на податоци за потенцијалите на овчеполската котлина, потребни да се подготви и реализира било каква идеја за унапредување на овчеполскиот регион.
Во 2018 ја објавува првата книга за Свети Николе во 21 век, насловена како „Свети Николе главната населба во Очеполската котлина“ на која на корицата се наоѓа автентична фотографија од првиот научен труд за Свети Николе напишана од Мане Чучков во 1936 година, а насловот е инспириран од исто така значајниот труд на Јован Трифуновски во 1962 година.
Истата година ја објавува и книгата „За Овчеполските работи“ која содржи мал дел од неговата магистерска теза, но и многу други податоци за овчеполието, како и стари митови и легенди, приказни и многу други податоци.
Она на кое Ристовски со големо задоволство е посветен во последнава една година е изработката на видео продукција за се` што посветил на неговиот роден крај.

Подготвуваме огромен проект којшто содржи – документарен филм за овчеполската котлина, неколку кратки филмови за значајни локации и овчеполски села, но и краток игран филм кој исто така е инспириран од културното наследство и природните ресурси на овчеполската котлина.
Како стипендијант на Меѓународниот Славјански универзитет, сега веќе втор пат, образованието од оваа есен ќе го продолжи на еден од Европските универзитети. Периодот таму ќе го посвети на тоа да го зголеми обемот на неговата работа, и да докаже теза за која не пишувал никој до сега во Македонија. За што станува збор м-р Никола Ристевски не сакаше да ни открие, оставајќи и неговото најново дело да биде обвиено во мистичност, и за кое очекува, исто како и претходните, да предизвика голем интерес.