
Четвртото коло од Втората кошаркарска лига ја донесе убедливата победа на Соколи на домашен терен во Штип над ланскиот прволигаш Охрид со резултат од 95:63, во меч на тотална доминација на домашниот тим.
Капитенот Караколев го предводеше тимот на Соколи кој беше фаворит со 25 поени, Костадинов имаше 21 поен, а Шајкаров 15 поени. Кај охриѓани Атанасов постигна 14 поени, а пак Бојовски имаше 11.
Нема веќе непоразени екипи во Втората лига, откако Ангели со тесни 79:74 загуби на гостување во Струга од тимот на Црн Дрим, додека пак Маџари кој одново е на врвот го декласираше ланксиот прволигаш Академија ФМП со превисоки 58:94.
Бутел со само два поени разлика од 88:90 славеше над Работнички 2018, Водно Санс беше сигурен против Мега Баскет со резултат од 95:82, а тесен пораз на домашен терен забележа МЗ ТСкопје од Борец Баскет со 75:78.
Маџари со сдум бодови е на врвот од табелата, а по толку бодови имаа штипски Соколи кои се втори, Борец Баскет кој е трет, Ангели кој е четврти и Црн Дрим кој е петти. По шест бодови имаат Мега Баскет како шестти, Бутел како седми и МЗТ Скопје осми.
Екипата на Работнички 2018 има пет бодови и се наоѓа на деветтото место, а толку бодови имаат Воднос Санс и ланскиот прволигаш Охрид кој е претпоследен, на дното без триумф е ланскиот прволигаш Академија ФМП со четири бодови.
Практично ланските прволигаши Охрид и Академија ФМП имаат катастрофален старт и се далеку од конкурентни тимови за експресно враќање во Првата кошаркарска лига.
Александар Ванев, М-Нет