Одбојкарките на штипски Младост УГД ја „збришаа“ Струмица, Работнички го доби Вардар ЕМ, убедливи победи и во Втора лига на Бами Кор и Пелистер Волеј!

Одбојкарките на штипскиот клуб Младост УГД стигнаа до првото сезонско славје, по три порази дојде и првиот триумф, откако штипјанки со 3:0 во сетови го декласираа тимот на Струмица, во рамки на 4. коло од Првата женска одбојкарска лига. Во првите два сета борбата беше неизвесна. Првиот сет заврши со 25:20, а вториот со 25:22, додека пак во третиот сет Младост УГД покажа доминација и истиот го освои со 25:12.

Ускана Волеј и Фит Фан Волеј одиграа неизвесен натпревар во Кичево каде со 2:3 во сетови беше подобар гостинскиот тим. Сигурна победа славeше Работнички со 1:3 над Вардар ЕМ, додека пак Наковски Волеј дома претрпе пораз со 2:3 во сетови од Јанта Волеј КВ во дербито на колото.

Во однос на табелата на врвот е Работнички со максимални 12 бодови, Јанта Волеј КВ е втора со 11 бодови, а пак Наковски Волеј е трет со 10 бодови. Фит Фан Волеј е на четвртото место на табелата со пет бодови, по три бодови имаат Младост УГд и Струмица, додека пак Вардар ЕМ и Ускана Волеј имат по два бода.

Што се однесува пак до Втората женска одбојкарска лига Пелистер Волеј со 0:3 славеше гостинска победа над Куманово, Фламинго Волеј беше единствениот кој славеше на домашен терен, во мечот со Вардар 2019 со 3:1.

Виктори Волеј славеше над Македонија Макс во гости со 0:3, Бами Кор со Универзитет Тетово со 0:3, а пак победа прокнижи и Газели Волеј со 0:3 против Јанта Волеј Бут.

Пелистер Волеј е прв со максимални 9 бодови колку што има и Газели Волеј кој е втор, а пак по шест бодови имаат Бами Кор, Вардар и Фламинго Волеј, без бодови се Форца Волеј, Универзитет Тетово и Македонија Макс.

Александар Ванев, М-Нет