Советниците едногласно изгласаа ребаланс на Буџетот за исплата на К-15 за 2020 и 2022 година

Со 18 гласа ЗА, советниците од Штипскиот совет едногласно изгласаа ребаланс на Буџетот за исплата на регрес за годишен одмор за 2020 и 2022 година. Предлог-одлуката за која се дискутираше на денешната седница и која беше единствена точка е направено по нацрт-записникот од 108. седница на Владата. Оваа одлука важи за буџетските и единките корисници опфатени со гранскиот колективен договор, кои потребните средства за К-15 треба да ги обезбедат во рамки на буџетите коишто веќе се во сила.

„Меѓутоа, доколку има потреба да се изврши внатрешна прераспределба помеѓу расходните ставки за обврската за регрес за годишен одмор до крајот на тековната година, а со цел и да се намалат најавените судски постапки и теретот врз Буџетот на Општина Штип којшто би се јавил како резултат на трошоци за судски постапки, значи ја предлагаме предлог-измената на распоредот на средствата. Може да видите дека на одредени ставки се направени одредени намалувања со цел да се обезбедат во рамки на лимитите коишто се утврдени за вкупниот буџет“, истакна Ивана Трендафилова, известител од Одделението за финансии.

Регресот за годишен одмор за 2021 година веќе им беше исплатен на вработените во јавната администрација, а сега исплатата ќе биде во висина од 40% од последните три исплатени просечни нето плати.