
Екипата на Слога Виница влезе во длабока резултатска криза со пет порази во низа откако на последниот натпревар од седмото коло на Втората македонска фудбалска лига забележа пораз од Осогово од минимални 0:1.
Слога Виница сега има вкупно шест порази и само еден триумф кој беше очекуван над Големо Коњари на домашен терен. Со само три бодови тимот од Виница е во долниот дел од табелата односно на 14-тото место и веќе влезе во длабока резултатска криза бидејќи веќе има девет бода негатива од осмото место кое гарантира директен опстанок.
Пред Слога Виница која ја води штипскиот стратег Емил Грнев ќе биде многу силен предизвик да се изнајде начин како да се забележи само вториот триумф, а таков тест ќе има веќе во следното коло кога Слога ќе гостува во Прилеп кај Победа.
Тоа ќе биде дуел од долниот дел на табелата, дуел на две екипи кои ќе бараат излез од резултаската криза, а со освојување на три бодови би можеле да прогресираат кон бараж зоната.
Слога има квалитет, има одлични играчи во своите редови и очекувано е во следниот период кога распоредот ќе биде и поповолен да собира бодови и да се искачува на второлигашката табела.
Во идентична ситуација е и тимот на Преспа од Ресен и овој тим е во резултатска криза со четири порази во низа односно има учинок од шест пораз и една победа и со три бодови е во долниот дел од табелата.
Пред Преспа ќе биде тешка борба за опстанок, а новиот второлигаш викендот ќе биде исправен пред нов предизвик – гостување во Македонска Каменица кај Саса каде ќе бара три бодови за второ сезонско славје.
Со ист учинок е и тимот на Големо Коњари после шест порази во низа во претходното коло новиот второлигаш од прилепското село го забележа првиот триумф откако со минимални 1:0 славеше над Кожуф на домашен терен.
Големо Коњари стави прекин на таа голема резултаска криза со минимална победа, но ќе мора се да се насочи кон следниот меч во дербито од долниот дел на табелата за трите бодови, па доколку ги добие тогаш Големо Коњари ќе може да скокне на табелата и за првпат да го напушти дното од табелата. Во следното коло Големо Коњари ќе гостува кај Вардар Неготино, тоа ќе биде дуел од долниот дел на табелата за трите бодови.
Александар Ванев, М-Нет