
Награда за најдобро претставување доби филмот „Еден тон сладолед“ на штипјанката Сандра Ѓоргиева. Филмот беше претпремиерно претставен пред присутните на Сараевскиот филмски фестивал и за истиот режисерката доби финансиска поддршка во вредност од 4.000 евра за постпродукција на звук во студиото „Челија“ во Сараево.
„Станува збор за многу познат интернационален фестивал во Сараево, кој се случува секогаш во август. Таму присуствуваат многубројни познати филмски професионалци, од актери до сите сфери во филмската индустрија. Се доделуваат многубројни награди: за најдобар краток филм, долгометражен, за најдобра актерка, најдобар актер, „почесно срце“, кое го добиваат познати, веќе докажани професионалци. Јас добив награда за најдобро претставен филм“, рече Ѓоргиева.
Суштината била да се претстави сè уште незавршен филм, неговата тема, сценариото, целта и важноста на истиот за едно вакво време во кое е снимен. Можноста е да се оди повторно во Сараево или, пак, да се добие ваква награда.
Идејата за филмот се родила од соочувањето и борбата на Ѓоргиева со нејзините лични стравови. Таа на ваков начин успеала да ги преточи стравовите во едно филмско достигнување.
„Во филмот се работи за една млада личност и нејзината психолошка борба. Тој постојано се извинува низ сладолед. Филмот е малку апсурден, константно носи сладолед на мајка и на ќерка за да им се извини за нешто, а што е тоа се дознава во филмот подоцна“, додаде режисерката.
Актерите кои играат во филмот се Јелена Јованова, Бодан Киранџиски и Јована Иванова.
„Тоа се еден 15 годишен млад актер, којшто беше попрофесионален од многу професионални актери и младата петгодишна Јована Иванова.“
Според режисерката, ваквите фестивали и награди се од особена важност за успешноста на едно дело, било филмско, театарско или сл. Конкретно, овој фестивал ним им донел многу дружба и нови контакти.
„Значењето е поради контактите. Многу супер дружба имаше помеѓу нас. Ние заедно не си бевме конкуренција, туку се бодревме, се поддржувавме, си помагавме, што не е добро, што може да се поправи. На крај сите за сите навивавме. И за филмот е од огромно значење, бидејќи филмот уште невиден, неизмонтиран, непретставен, добива можност да се слушне за него и истиот да циркулира низ публиката. Па се надевам дека ќе имаат исчекување за да го видат кога ќе се заврши“, истакна Ѓоргиева.
Ѓоргиева го истакна своето задоволство за успешноста на овој филм, но и за идните проекти на кои работи.
„Многу сум среќна што го пронајдов мојот медиум, каде што можам да ги кажам моите ставови, мислења низ визуелното и тоа што мене ме засега. Се надевам дека ќе допре и до поголем број на публика“, заврши режисерката.
Филмот оптимистично би требало да биде завршен на почетокот на следната година, а зад него стои „ОХО продукција“.
Ребека Спасова МНет