ВМРО ДПМНЕ: Кој има ќар од неквалитетно асфалтирање? Николов: Изведувачот ќе ја доврши работата на свој трошок!

По асфалтирањето на неколку улици во Штип, особено главниот крвоток на градот, ул. „Кеј Маршал Тито“, од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип обвинија за неквалитетно работење.

„Компанијата којашто го асфалтираше пристапниот пат до модуларната ковид – болница, е истата што пред неполн месец неквалитетно ја реконстуираше улицата „Кеј Маршал Тито“. Поради очигледните пропусти на главниот крвоток во Штип, го прашуваме Градоначалникот: Кој ќе преземе одговорност за лошата изведба после негативните оценки од страна на надзорот? Дали се работи за зделка со личен интерес при соработката со оваа фирма? И докторе, должен си да одговориш – кој има најголем ќар од лошата и неквалитетна работа на оваа позната фирма?!“

На упатените прашања до Градоначалникот, тој посочи дека биле свесни за неквалитетното работење на фирмата – изведувач, но истата ќе ја заврши работата дополнително на сопствен трошок.

„ВМРО ДПМНЕ, веројатно, се поттикнати од 11 годишното владеење и склучувањето на тие лични зделки со изведувачите и тргнуваат дека 10, 15, 20 отсто е ќарот којшто го земале од изведувачите. Во времето на СДСМ и ова работење во овие осум – десет месеци, колку што сум градоначалник на оваа општина, сите тендерски постапки се јавни, отворени и транспарентни. Фирмите коишто добиваат на овие тендери се фирми коишто ги изведуваат улиците. Имаме надзор, сопствен надзор на општината и плус дополнителен надзор за изработка на улиците. И двата надзора кажаа дека улицата е со слаб квалитет уште пред неколку месеци. ВМРО ДПМНЕ и луѓето внатре не се иницијатори на оваа работа, како што му кажав и на господинот Јорданов. Значи, уште од пред два месеца имавме незадоволство од самата изградба на улицата и квалитетот на асфалтот. Веќе надзорот си ја потегнува таа работа и постапка за да се докаже неквалитетниот асфалт и да се врати изведувачот повторно на терен да си ја заврши работата.“

Како посочи тој, транспарентното работење на оваа власт било причина тие и самите да бидат иницијатори за квалитетно асфалтирана улица.

Ребека Спасова МНет