
Дивиградбите во Кочани и понатаму остануваат главен проблем. Пред половина година имаше над 400 решенија за дивоградби кои треба да бидат срушени, ама Општина Кочани од 2015 година нема склучено договор со фирма за рушење. Денеска, по трагедијата во дискотеката Пулс главен акцент се става на дивоградбите на угостителските објекти во центарот на Кочани. Но, в.д. градоначалникот, Венко Крстевски, истакна дека ќе се рушат сите објекти кои се дивоградби на територија на Кочани.
„Јас се сомневам дека бројот на дивоградби е најмалку трипати повеќе од бројот на констатирани дивоградби од страна на инспекторите. Нема калкулации ќе ги рушиме сите објекти. Меѓутоа приоритет треба да имаат проектите каде се собира поголема група на луѓе, како што се овие објекти, бидејќи овде не се загрозени само станарите, во овој станбен блок има 96 станови, овде се загрозени сите.“ – вели Крстевски.
Општина Кочани има два градежни инспектори, ама работата со рупењето на дивоградбите тапка во место. Крстевски најави дека ќе се преземат сите неопходни мерки и активности и дека одговорност ќе има.
Вчера требаше да се руши дивоградба на угостителски објект во трговскиот центар во Кочани, ама градежниот инспектор не се појави со образложение дека му се влошила здравствената состојба.
Лаура Стојанова Ќирчив, М-Нет