
Системот на Фондот за здравствено осигурување од утринава е ставен во функција, започна исплатата на боледувањата, породилното и рефундации.
„Речиси сите модули на ФЗОРСМ, се ставени во функција. ИТ експертите ги финализираат процесите и функционалностите, и со тоа започна исплата на боледувањата, породилното остуство и разни рефундации. Се очекува осигурениците етапно да ги добиваат средствата на своите сметкит во текот на утрешниот ден и во среда. Тоа значи дека веднаш ќе започне исплатата на боледувањата кои биле внесени до 05.02.2023 година.“ – стои во писменото соопштение од фондот.
Меѓутоа, ниту еден пациент во изминатиот период не е вратен, а да не е прегледан. Проблемот е кај примарното здравство, вели доктор Стојменов. Кај специјалистите трпење во работата немаше бидејќи работат преку Мој термин.
„Медицинската работа не стои, бидејќи ние работиме преку Мој термин. Специјалистичката работа функционира нормално преку Мој термин, има извештаи има реализација на сѐ она што специјалистот ќе го замисли медицински. Онаму каде што е поголем проблемот, делот во примарнат заштита каде не може со сигурност да се види дали пациентот е осигуран или не“ – вели Стојменов.
Проблем се јави и кај аптеките, бидејќи во континуитет се издаваа лекови без да се има увид дали пациентите имаат здравствено осигурување или не, вели фармацевт Јулијана Златева.
„Ние немаме услови да го пратеме осигурувањето на секој пациент и како лојалност кон нашите пациенти и на крајот на денот како штета по нас, ние би имале реперкурсии. Но, до пред малку добивме известување од Фондот дека дел од проблемите се надминати и дека може да го следиме осигурувањето на пациентите. Но, во ниеден момент ние не престанавме да работиме“ – вели Златева.
Во текот на денот започна и исплата на аптеките, со што од утре се очекува да имаат средства на нивните сметки. Од Фондот потенцираат дека проблемите се надминуваат.
Лаура Стојанова М-Нет