
Денес се одиграа натпреварите од седмото коло од Првата македонска фудбалска лига, а во рамки на истото дури четири натпревари завршија без победник, Гостивар ја доби Шкендија и изби на врвот од табелата.
Огузхан во 22. минута постигна гол за 1:0 на полувреме и водство на домаќинот. На стартот од вториот дел Симоновски постигна гол за 2:0 со што веќе Гостивар имаше осетна разлика.
Во 87. минута Бесарт Ибраими намали на 2:1, но брзо Џало Балде погоди за 3:1. Машике од Гостивар во 95. минута беше исклучен од игра поради два жолти картони, но тоа немаше влијание врз резултатот.
Брера Струмица ремизираше без голови против Тиквеш на домашен терен, а реми без голови имаше и во Битоле меѓу Пелистер и Работнички.
Шкупи и Беса ги поделија бодовите на Чаир откако одиграа 1:1. Едмундсоон погоди во 24. минута за 1:0, а во 82. минута Али погоди за конечните 1:1 и бод за Беса.
Воска Спорт дојде до бод против шампионот Струга Трим Лум во „Езерското дерби“ на „Билјанини Извори“ откако одиграа 1:1. Јахја одново беше стрелец за домашниот тим во 50. минута, а во 67. минута Радески погоди за конечни 1:1.
Вечерва Силекс со минимални 0:1 славеше над Вардар со голот на Додев во 92. минута. Првично голот беше понишен од страна на главниот судија, откако помошникот го крена знаменцето, а потоа по консултација на самите судии, главниот судија ја промени одлуката.
Александар Ванев, М-Нет