Силекс ги „запали моторите“ – прволигашот од Кратово го одржа првиот тренинг

ФОТО: ФФМ

Силекс ги започна подготовките за новата сезона 2026/2027 во кој тимот го очекува европско лето во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА. Стратегот Александар Васоски ја имаше првата прозивка со што во Кратово беше одработен првиот тренинг.

Освојувачот на Купот на Македонија првата фаза од летните подготовки ќе ја одработи во Кратово, а истата е предвидена да се комплетира до 19 јуни, по што тимот потоа ќе замине на друга локација за да ја реализира втората фаза од подготовките.

Од кратовскиот прволигаш истакнаа дека во следниот период ќе биде познато околу распоредот за пријателските натпревари, како и каде би се реализирала главната фаза од подготовките.

Силекс минатата сезона заврши на четвртото место во шампионатот, а потоа во финалето од Купот на Македонија славеше над Шкендија и така ја освои Куп титулата и обезбеди излез во Европа односно ќе игра во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА.

Александар Ванев, М-Нет