
Прволигашот Тиквеш продолжува со засилувања за новата сезона, а клубот од Кавадарци ги претстави Стефан Секирски, Антониј Трајквоски, Судејс Чајани и Дејан Сиљаноски.
Исто така кавадаречкиот клуб се засили и со Јован Попзлатанов, кој доаѓа од редоивите на Работнички, а претходно беше дел од Вардар, Македонија ЃП, Пелистер, Тетекс, а меѓународна кариера градеше во РФС во Летонија.
Тиквеш исто така се засили и со младинскиот репрезентативец Теодор Николовски, се работи за 20-годишен играч за врска кој доаѓа од Работнички, а има настапувано и за Осогово.
Ново засилување меѓу стативите е голманот Марко Алчевски, кој се враќа во македонскиот фудбал откако настапуваше во Хапоел Ерусалим во Израел, а 24-годишниот голман својата професионална кариера ја започна во Брера.
Дебитантот Шкендија Арачиново прави промени во ростерот за новата сезона. Ново име во нападот е 34-годишниот Марко Симоновски, кој доаѓа од екипата на Паралимни од Кипар, а беше дел од Вардар, Металруг, Напредок, Гостивар, Дрита, Башкими, градеше меѓународна кариера во Косово, Русија, Хрватска, Казахстан, Финска, Романија и Узбекистан.
Претходно Шкендија Арачиново се засили со Вилдан Ќерими од Пелистер, Матеус Лемос и Бесир Демири, а клубот ја продолжи соработката со голманот Антонио Столевски, Христијан Димов, Сухејб Рушити и Џихан Адили.
Од клубот си замина Дарио Десниќ и Љупчо Трпески.
Роналдо Вебстер го напушти македонскиот фубдал, откако направи транфер од тетовска Шкендија во романскиот прволигаш Универзитатеа Крајова.
Новата сезона во Прва лига ќе започне на 25 јули односно за еден месец.
Александар Ванев, М-Нет