Почина најмладиот заболен од Ковид19 од Штип – инфективното одделение на штипската болница се проширува

Во Клиничка болница Штип капацитетот на Инфективното одделение е целосно пополнет, бројот на хоспитализирани пациенти со Ковид-19 денес изнесува 40 лица. За да се направат услови за лекување на повеќе пациенти, денес пациентите од Невролошкото одделение се дислоцирани на Уролошкото одделение во болницата во Штип, со што капацитетот за Инфективното одделение се зголемува за 15 места.

Денес како последица од коронавирусот почина триесет и четиригодишен штипјанец кој беше хоспитализиран неколку дена во Скопје.

Претходно за овој пациент на социјалните мрежи беа упатени бројни апели за дарување крвна плазма – таа беше пронајдена, но не успеа да го спаси младиот живот.

До денес во Штип како позитивни на коронавирус се потврдени 355 лица, бројот на активно болни е 161, а осум лица од Штип го изгубија животот како последица од заразата.