Д-р Златко Стојменов – „Само здружени матичните лекари ќе успеат да добијат помош од МЗ“

Од неодамна на социјалните мрежи се објавува повик од страна на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари за протест на матичните лекари поради неодговорниот однос на Министерството за здравство и Владата. Протестот би се реализирал половина час, за време на паузата, како не би биле занемарени пациентите.

На оваа тема разговаравме со д-р Златко Стојменов, кој потврди дека Министерството за здравство воопшто како да го нема од аспект на помош кон здравствените установи, едноставно тие се определија дека ќе помагаат на сите јавни здравствени установи. Тоа значи дека останатите кои работат како матични лекари, не добиваат никаква поддршка и помош.

-Ние не бараме пари. Ние бараме да имаме маски доволно, ние бараме да имаме ракавици доволно, визери, одела, каљачи, за да може да одиме на терен кај пациентите. Знаете дека незадоволството потекнува од сите луѓе во пандемијата со КОВИД 19, ги водат матичните лекари оние коишто се во домашни услови, а од друга страна, кога се зборува за помоштта тие се тргнати. Кога се зборува за надградба, тие се тргнати на страна. И тоа е причина за револтот – истакна д-р Стојменов.

Д-р Стојменов направи осврт на иницијативата на Асоцијацијата и истакна дека за работите да се сменат треба целата лекарска фела да се здружи. Тој истакна дека една сериозна држава во време на пандемија треба да се грижи за здравствените работници и не може единката да го решава тој проблем.

-Мислам дека тешко ќе помине таква една иницијатива, бидејќи зборува уште еднаш за расцепканоста на здруженијата. Јас не гледам како ќе го направи тој протест Асоцијацијата на млади лекари, ако не се вклопи со здружението на приватни лекари на Македонија. Значи, тие треба да се сепак дел од тоа здружение па заеднички да ги стават на маса проблемите, а тие се однесуваат сепак како една посебна група и тоа не е добро да се расцепкува вкупното мислење на матичните лекари кое треба да го испорачаат на општеството. Така да сметам дека треба да се здружат со сите здруженија и да се обратат на вистинското место, на министерот, Министерството, преку Лекарската комора и работите треба да се сменат – истакна д-р Стојменов.

Во овој момент не можат да се набават материјали, бидејќи нема каде да се набават- ракавици само мали броеви, за машките невозможно да ги носат, додаде д-р Стојменов. Маски можеби има, ама другите помошни средства многу тешко се набавуваат и кога би имале парични средства. А пандемијата според него може да трае и и две-три години.

Во тој случај најмногу ќе настрадаат примарните матични лекари, кои би се соочиле со дополнителен финансиски проблем, истакна д-р Стојменов. Буџетите и без тоа не се големи, за плати, придонеси и трошоци, а сега и како нов момент заштитни средства.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ