Се празнува Св. Јован Опсечен во штипската нас. Пребег, верниците се помолија за здравје и среќа

Над 100 години во близина на штипската населба Пребег, се слави празникот Свети Јован Опсечен. И годинава, уште рано утринава, граѓаните се собраа кај малата црква, посветена на претеча Јован, за да го одбележат овој длабоко значаен ден во годината. Мирис на темјан и босилек во црквата, а пред нејзиниот влез верниците со свеќа во раце и тивка молитва во усните. Се помолија пред се за здравје, мир и радост во душата, бидејќи како што велат тоа се најскапоцените дарови, кои човека може да ги добие во овој денешен свет. Си раздадоа посни погачи и колачи и си заминаа со утеха и смирение.

Повозрасните се уште во длабоко сеќавање се навратија на спомените од овој ден. Велат некогаш дури од ново село пеш доагале до црквата, за да се поклонат во црквата и да го прослават Крстителот Јован.

Инаку, на овој ден верниците додадоа дека се пости, а според народната традиција истакнаа дека на овој ден не се јаде црвено, во знак на сеќавањето на пролеаната крв од главата на Св. Пропорок претеча и крстител Јован.Овој ден на секаде во државата се празнува масовно и истиот се среќава под неколку имиња. Како Јован Опсечен, Јован сечиглав, Св. Јован отсечен и слично.

Иван Митев, М-Нет