Се асфалтираат нови паркинг места во населба Сењак во Штип, ќе се постави и урбана опрема

Се асфалтираат повеќе паркинг места во населбата Сењак во Штип. Станува збор за простори кои претходно биле напуштени, израснати со грмушки и неискористени. Денеска истите ќе бидат паркинзи кои ќе можат да се користат од страна на граѓаните кои живеат во станбените згради и во овој дел од градот. Дополнително во втората фаза ќе се пристапи кон поставување на урбана опрема, осветлување и целосно уредување на простотот.

„Овде се започнати активности за асфалтирање на паркинг површини околу станбените згради. Ова е само една од локациите кои ќе се асфалтираат, а овие површини во минатото биле неискористени, запоставени, ураснати со грмушки, со времени објекти кои беа времено дислоцирани. Освен на оваа локација во населбата Сењак ќе се продолжи во текот на денот и во наредните денови со уредување и на други површини околу станбени згради, а во втора фаза ќе се пристапи и кон поставување урбана опрема“ – вели Јорданов.

Во меѓувреме се разговара и со економските оператори и се прават напори, активностите за асфалтирање да продолжат и на минусни температури. По најавите на директорот на ЈПДП, Коце Трајановски дека ќе се работи ноќе и во зимски услови, Јорданов посочи дека се прават напори тоа да се применува и во Штип.

“Ние имавме можност подетално да разговараме. Разговаравме и со економските оператори и же зависи од нив оваа можност. Доколку набават доволна количина на адетиви верувам дека и во Општина Штип ќе има можност за асфалтирање на минусни температури“ – додава Јорданов.

Јорданов посочи дека асфалтирањето и уредувањето во градот ќе продожи и наредната година со цел Штип да добие модерен и урбан лик.

Лаура Стојанова М-Нет