
Синоќа се комплетираше 9. коло во Првата ракометна лига, со мечот кој се одигра во спортската сала „Тошо Арсов“ во Штип, каде Текстилец УГД претрпе нов пораз, овој пат од Скопје со резултат од 25:31 со што Скопје избива на врвот од табелата во Првата ракометна лига група Б.
Гостинот одлично го отвори натпреварот кога дојде до момент на плус четири при 1:5, предност која штипските ракометари ја стопија до 10:11, но потоа Скопје влезе во нова серија за 12:17 на полувреме.
Во второто полувреме Скопје дојде и до плус седум при 15:22, а предноста се зголеми и на плус десет кога резултатот беше 18:28. Во финишот од мечот штипјани успеаја само да го ублажат поразот на конечни 25:31.
Кај Текстилец УГД најдобар беше Филип Џинес со седум погодоци, а пак Филип Савев постигна шест погодоци, додека пак кај Скопје најефикасен беше Бојан Чакалиќ со девет реализации.
Скопје е на врвот од табелата со 14 бодови, Македонија ЃП е втора со 13 бодови, додека пак Текстилец УГД е претпоследен со само два бодови и со учинок од една победа и седум порази во рамки на Првата ракометна лига група Б.
Александар Ванев, М-Нет