Сенев со благодарност до публиката за поддршката, за победата клучна била желбата и мотивот на фудбалерите!

Брегалница вчера забележа минимална но огромна победа над Шкупи од 1:0 со голот на Пепи Ѓорѓиев во рамки на 26. коло од Првата лига, во тешката борба за опстанок.

Влезот на Градски во Штип беше слободен, а така ќе биде и на останатите натпревари со цел поддршката од верната публика да биде уште поголема во борбата за освојување на што повеќе бодови.

Телевизија М Нет денес беше на Градскиот стадион во Штип на тренинг на „сините“, а во изјавата за М Нет, новиот тренер Трајче Сенев, кој дебитираше на клупата со победа упати благодарност до верните навивачи, ја очекува нивната поддршка и на останатите натпревари, а за победата над Шкупи вели најзаслужни се фудбалерите.

„Голема благодарност до верната публика за поддршката која ни ја даваат, нивната поддршка ќе ни биде потреба и на останатите натпревари и ја повикувам да доаѓа во што е можно поголем број. Сакам да им честитам на моите фудбалери за победата против Шкупи, тие се најзаслужни за овој триумф. Што се однесува до самиот натпревар во првиот дел бевме многу подобри, додека во вториот дел иницијативата ја препуштивме на Шкупи, но ние ги имавме позрелите шанси“, изјави Сенев за телевизија М Нет.

Сенев вели дека клучно за победата над Шкупи е желбата и мотивот кај фудбалерите, но додава дека ќе биде тешко до крајот за да се оствари целта.

„За победата над Шкупи клучна беше желбата и мотивот кај фудбалерите, тие го дадоа максимумот и тоа беше главно за оваа победа. Играчите одиграа најдобро што можат со желба се почитуваа во играта и дисциплирано одиграа во текот на целиот меч. Ќе биде тешко до крај, но наше е да играме да собираме што е можно повеќе бодови без разлика што зависиме и од другите противници ќе гледаме да го обезбедиме опстанокот“, додаде Сенев.

Фокусот веќе е на следниот натпревар односно гостувањето кај лидерот и актуелен шампион Струга, Брегалница веќе ги започна подготовките за тешкото гостување, а екипата ќе биде и во карантин.

„Ќе се подготвуваме добро за натпреварот против Струга на гостински терен, секако одиме во карантин, ќе гледаме да одиграме што е можно најдобри и да се вратиме непоразени. Ние мораме да ги добиме сите натпревари дома, но ќе треба и во гости да добиваме натпревари ако сакаме да обезбедиме опстанок во лигата“, вели Сенев за М Нет.

Брегалница и понатаму е во опасната зона за испаѓање со 25 бодови на своето конто, има три бода помалку од зоната која гарантира сигурен опстанок во Прва лига.

Александар Ванев, М-Нет